Посета на Валаамскиот манастир

По покана на Неговата Светост, Патријархот Московски и на цела Русија г. Кирил, на 15 октомври 2025 година, на Валаам пристигна делегација на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, во состав: Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, викарот на Преспанско-пелагониската епархија, Епископот Велички г. Николај, и раководителот на Издавачкиот оддел на Скопската епархија, јеромонах Атанасиј (Арсоски).

Веднаш по пристигнувањето на островот, гостите, во придружба на населеникот на Валаамскиот манастир, јеромонах Наум (Петковски) – родум од Македонија, и водичот на поклоничката служба на обителта, Даниил Колесников, го посетија Спасо-Преображенскиот собор, каде што се запознаа со главните светињи на манастирот и вознесоа молитви пред нив.

Во топла и братска атмосфера се одржа средба во братски дух со Игуменот на Валаамскиот манастир, Епископот Троицки г. Панкратиј. По неговата покана, гостите го посетија Игуменското гробиште, каде што Архиереите отслужија заупокоена литија на гробот на приснопамјатниот населеник на Валаамскиот манастир и родум од Македонија – архимандрит Методиј (Петров).

Утрото на 16 октомври започна со соборна Архиерејска Литургија во храмот на рамноапостолните браќа Кирил и Методиј, во поклоничкиот дом „Славјански“. Литургијата ја предводеше Митрополитот Петар, во сослужение со Епископите Панкратиј и Никола.
За време на богослужбата, на заупокоената ектенија беа спомнати приснопамјатниот архимандрит Методиј – по чиј труд е изграден овој храм, како и неговите родители, Кирил и Слободка.

Главната животна желба на отец Методиј, кого во свое време Неговата Светост Патријархот Кирил го нарече „пратеник на Македонија во Русија“, беше признавањето на автокефалноста на канонската Македонска Православна Црква – Охридска Архиепископија, што се оствари во мај 2022 година, една година по неговото блажено упокојување.
До 2022 година, претставници на Македонската Црква ги посетуваа пределите на Русија, вклучително и Валаам, но никогаш не служеле Литургија и не се причестувале. Поради тоа, денешниот ден има историско значење, како што истакна Игуменот на Валаамскиот манастир, Епископот Троицки Панкратиј, во своето слово по завршувањето на богослужбата.

„Првпат по признавањето на автокефалноста, делегација на Македонската Православна Црква ги посетува светините на Руската Православна Црква, и првпат имаме голема милост од Седржителот да се причестиме од едната Христова Чаша“, рече Митрополитот Петар.
„По затворањето на Валаамскиот манастир во 1940 година, многу монаси се разотидоа на различни места, меѓу кои и во Македонија и други балкански земји. Ние ги паметиме и им благодариме за нивниот пример на вера. Верувам дека Македонија ја врати таа чест преку личноста на архимандрит Методиј, кој живееше на Валаам цели 28 години.“

Во наредните денови ќе продолжи запознавањето на делегацијата на Македонската Православна Црква со скитовите и спомен-местата на Валаамскиот архипелаг.

Извор: https://valaam.ru/publishing/1892742/