Божикно послание

 ПЕТАР

ПО МИЛОСТА БОЖЈА,

МИТРОПОЛИТ ПРЕСПАНСКО-ПЕЛАГОНИСКИ И

АДМИНИСТРАТОР АВСТРАЛИСКО-НОВОЗЕЛАНДСКИ,

НА СЕТО СВЕШТЕНСТВО, ПРЕПОДОБНО МОНАШТВО И

ВЕРНИТЕ ЧЕДА ВО

ПРЕСПАНСКО-ПЕЛАГОНИСКАТА И АВСТРАЛИСКО-

НОВОЗЕЛАНДСКАТА ЕПАРХИЈА,

ИМ ИСПРАЌА МИР И БЛАГОСЛОВ, ПОЗДРАВУВАЈЌИ ГИ СО

РАДОСНИОТ  ПОЗДРАВ

ХРИСТОС СЕ РОДИ!

„Зашто Младенец ни се роди, Син ни се даде; власта е на рамењата Негови, и ќе Го наречат: Советник, Чудесен, Бог силен, Отец вечен, Кнез на мирот“ (Исаија 9, 6)

Возљубени браќа и сестри во Богочовекот Христос!

Денес небото се наведнува кон земјата, а земјата се издигнува кон небото. Денес Беспочетниот прима почеток, Бестелесниот добива тело, Вечниот влегува во времето. Денес се случува најголемото чудо во историјата на човештвото – Бог станува Човек, за човекот да стане бог по благодат.

О, несфатлива тајно! Оној Кого херувимите Го носат, денес лежи на слама. Оној, Создателот на земјата – Словото, денес како Новороден се положува во прегратките на Мајката. Невидливиот станува видлив,  Несместливиот се сместува во утробата на Пресвета Богородица, во пештера.

Денес времето не тече, туку стои во свештен трепет. Денес вековите ja губат смислата на постоењето, затоа што во нивната средина, во полнотата на времињата, влегува Оној што е над времето.

Денес – Бог станува Човек. И тоа не како мит, не како човечка фантазија, туку како реалност што го крева целиот космос од падот. Тоа е настан кој ги разделува вековите: сè пред е Него е очекување,а сè после Него е остварување.

Возљубени синови и ќерки во Новородениот Богомладенец!

Кога човекот не можеше да го најде Бога, Бог дојде кај човекот.
Кога човекот не можеше да ја искачи лествицата на спасението, Бог ја спушти лествицата до јаслите во Витлеем.

Пештерата во Витлеем стана првата христијанска црква, првиот трон на Царот на вековите. Во таа пештера се случува нешто што никогаш претходно не се случило: Бог и човек стануваат едно во Личноста на Господа Исуса Христа, се соединуваат двете природи – Божја и човечка.

Затоа Божик е ден на нашето повторно раѓање. Не е тоа само празник на Христовото раѓање, туку е празник и на наше ново раѓање. Затоа што со Христовото воплотување човекот повторно го пронаоѓа своето вистинско назначување – да биде возобновен образ и подобие Божјо.

Но, браќа и сестри, Христос не се раѓа само во Витлеем. Христос сака да се роди и во секое срце. А срцето, ако не се очисти од суета, од омраза, од гордост, ако не се покае, не може да биде витлеемската пештера, туку станува Иродов дворец.

Возљубени браќа и сестри во Воплотениот Бог!

Бог станува Човек затоа што само Бог може да го спаси човекот. Ниту ангел, ниту пророк, ниту мудрец, ниту лекар, ниту цар. Затоа што човекот не е ранет само по телото, туку и по душата; не е само во делата, туку и во битието.

Од Адам до Авраам, од Авраам до Давид, од Давид до ропството Вавилонско, и од таму до Дева Марија од Назарет – човекот ранет талкаше низ историјата барајќи Лекар.

Човекот беше ранет од гревот и немаше сила да се спаси. Сите тие страдања и живот без Бога го обележуваа патот на човештвото. И кога сите човечки патишта се покажаа како безизлез, тогаш Небото се спушти во пештерата во Витлеем.  Во таа мрачна ноќ, Бог слегува како светлина што темнината не може да ја изгасне. Како што пишува Свети Кирил Александриски, „кога човечката природа беше заглавена во раб на пропаст, Господ и Спасител дојде да ја спаси, по Божја благодат“. Таа пештера, која беше место на сиромаштијата и темнината, стана светол трон на Богомладенецот.

За да разбереме што точно се случи на Божик, треба да се навратиме на вистинската смисла на воплотувањето. Христос не само што се роди како човек, туку Он исто така ја обнови природата на човекот. На Божик се случи надумна Тајна – Бог се облекува во тело за да се облечат нашите души во светлина и спасение. Свети Атанасиј Велики пишува: „Тој што беше без тело, невидлив и недостижен, стана тело, за да нè спаси.

Во едно од своите дела, Свети Максим Исповедник пишува: „Христос дојде не за да ни покаже некои нови теории или закони, туку да го излечи човечкиот род со Своето тело. И тоа не беше само физичко раѓање, туку раѓање на нова историја за човечката природа, нова перспектива за целото создание.

Адам го изгуби рајот; Христос го донесе рајот во светот. Адам го затвори небото; Христос го отвори со Своето раѓање, уште пред да го отвори со Крстот и Воскресението.

Во истиот контекст, Свети Григориј Ниски пишува: „Тој кој беше Бог, стана човек за да го обнови образот Божји во нас. Он го зеде на Себе нашето тело, за да го исцели и освети“. Сега, кога Христос се раѓа како човек, човечката природа ја прима новата можност – можноста за спасение, можноста за обожение.

Целта на воплотувањето не беше само да се заврши раѓањето во Витлеем, туку и да започне процес на спасение преку Крстот и Воскресението. Како што пишува Свети Григориј Богослов: „Заради тебе Бог станува човек, за ти да станеш бог по благодат“.

И затоа, браќа и сестри, ние денес не стоиме само пред јаслите на Христа Богомладенецот – ние стоиме пред вратата на нашето спасение.

Возљубени вистинољупци во Вистината која е Христос!

Денес, кога го славиме Христовото раѓање треба да размислуваме за тоа како Он како Вистина треба да владее во нашите животи и во нашата Црква. А оваа Вистина, која е жива и непоколеблива, ние ја наоѓаме во Православната вера – вера која не се менува и не се прилагодува на времето или човечките желби, бидејќи Христос е ист вчера, денес и утре. Како што Христос е Вистината што го објавува спасението, така и нашата Православна Црква, како Тело Христово, ја чува чиста таа вистина и вера и ја сведочи пред светот.

Православната Црква не постои како историски компромис, ниту како човечка институција, подложна на духот на времето, туку како Тело Христово, „столб и тврдина на вистината“ (1 Тим. 3,15). Таа не се раководи од потребата за привидно единство, ниту од дипломатска хармонија со светот, туку од верноста кон откровената Вистина.

Православната Црква не се бори за унија по секоја цена, ниту за компромис со вистината, туку за чистотата на верата што ѝ е предадена еднаш засекогаш од Светите Апостоли и Отци – без додавање, без одземање и без изопачување. Таа чиста вера извира од Светото Писмо и Светото Предание, како живо и непрекинато сведоштво на делувањето на Светиот Дух.

Православието не може да биде релативизирано, ниту пак измешано со догматски учења што се појавиле подоцна и ѝ се туѓи на апостолската вера. Вистинската Христова Црква е една – и таа е онаа што останала верна на учењето на Апостолите, изодена по патот на Светите Отци и запечатена со подвигот, крвта и сведоштвото на безброј Свети, кои од почетокот па сè до денес го жртвувале својот живот за Христа и за Неговото Евангелие.

Православието не е една од многуте „традиции“ во рамките на христијанството, туку непрекинато продолжение на апостолската вера, живо искуство на Педесетницата и постојано пребивање на Светиот Дух во Црквата. Затоа таа не може да прифати релативизирање на догмите, ниту пак да ги изедначи вистината и заблудата во име на лажно единство. Таму каде што се нарушува учењето за Вистината, таму се нарушува и самото спасение на човекот.

Светото Предание на Црквата, пак, е сведоштво на животот во Вистината – истото Предание од кое произлегле и Светото Писмо, и Вселенските собори, и исповедништвото на Светителите. Секое отстапување од ова Предание, секое догматско „додавање“ или „развивање“ претставува раскин со апостолската полнота и пад во индивидуализам и рационализам, кои се туѓи на православниот дух.

Вистинската Христова Црква е Една,Света, Соборна, и Апостолска, затоа што Христос е еден, верата е една и благодатта е една. Тоа единство не се создава со документи, декларации или заеднички средби, туку се чува преку Соборното исповедање на верата т.е. на Вистината.

Историјата на Црквата ни сведочи дека Светите Отци биле подготвени да поднесат прогонства, заточенија, па дури и смрт, но не и да направат ни најмало отстапување од Вистината. Свети Марко Ефески, стоејќи сам на Флорентинскиот собор, ни остави вечен пример дека подобро е да се биде „сам со Вистината“, отколку „со мнозинството во заблудата“. Тој дух не е дух на гордост или непомирливост, туку дух на љубов кон Христа и одговорност за спасението на Црквата.

Православната Црква не ја отфрла љубовта, ниту дијалогот како човечка средба, но одбива секоков дијалог што ја жртвува Вистината заради надворешен мир. Љубовта без Вистина станува сентименталност, а единството без Вистина – духовна измама. Вистинската љубов е секогаш „во Вистината“ (2 Јов. 1, 3).

Возљубени сорадосници во Божикната радост!

Божик е. А Божик станува Божик само тогаш кога Христос се раѓа  во нашите души и срца. Кога ќе се смириме. Кога ќе простиме. Кога ќе почнеме да љубиме.

Бог се понижи до најниското, за нас да нè издигне на највисокото, стана слуга за нас да нè направи богови по благодат. Затоа денес Црквата нè повикува да се радуваме како ангелите, да станеме смирени како пастирите, да бидеме мудри како тројцата мудреци.

Божик нека биде раѓање на Христа и во нашите души и срца. Неговата светлина нека нè преобрази. Неговата љубов нека нè оживее. Нека нè научи да се љубиме еден со друг со љубовта што Он ја донесе на земјата.

Божикната радост и светлина нека продолжат да горат во нашите души, секој ден, во сите дни, сè додека не стигнеме до конечната радост и вечниот живот во Царството Небесно. Амин!

Христос се роди! Навистина се роди!

Ваш постојанен молитвеник пред Богомладенецот Христа,

Митрополит Преспанско-пелагониски

и Администратор Австралиско-новозеландски

Петар

Божик 2025/2026 година