Втора недела по Педесетница – Света Архиерејска Литургија во соборниот храм „Свети Великомаченик Димитриј“, во Битола

На 22.06.2025 г., во Втората Недела по Педесетница, кога го празнуваме споменот на Свети Кирил, архиепископ Александриски, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереи ставрофорите Кирил Трајковски, Златко Костовски и ѓаконот Крсте Атанасов, отслужи Света Божествена Литургија во соборниот храм „Свети Великомаченик Димитриј“, во Битола.

На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Денес, нашата Света Црква, во оваа втора седмица по Педесетница, нѐ поучува преку светото Евангелие кое се чита на Божествената Литургија. Во него се говори за Христос Спасителот, Кој многу го засака Генисаретското Езеро и, кога излезе таму, виде луѓе што ловеа риби. Не тие го избраа Него, туку Тој нив ги избра за Свои ученици. За тоа се вели: „Зашто Бог толку го засака светот, што го даде Синот Свој Единороден, за секој што верува во Него да не погине, туку да има живот вечен.“

Најблиските ученици што први ги избра Господ беа дванаесет на број, а потоа уште седумдесет апостоли. Првиот што го повика Господ беше апостол Андреј, наречен „првоповикан“, зашто прв беше повикан и избран да го следи Христа, нашиот Спасител. Потоа следеа неговиот брат Петар, па браќата Јаков и Јован, и натаму сите останати апостоли – дванаесетте што ги избра Господ, браќа и сестри – за да го освојат светот и да го приведат при Троичниот Бог: Отецот, и Синот, и Светиот Дух.

Господ не ги избра најучените луѓе, философите, ниту ги повика властодршците како што биле светските цареви Навуходоносор, Александар Македонски, Цезар и други. Туку, како што се вели, ги избра неуките и простите за да ги посрами премудрите; ги избра слабите за да ги посрами силните. Ги избра Своите ученици од прости галилејски рибари, луѓе со чиста простота, со искрена вера и со смирение. И токму преку нив успеа да го освои целиот свет, зашто ги испрати насекаде да го проповедаат Словото Божјо – за Неговото доаѓање во светот, заради нас и заради нашето спасение.

Ги испрати, браќа и сестри, учениците и апостолите да го проповедаат Евангелието со зборовите: „Одете и научете ги сите народи“ – што значи: не само еден или избрани народи, туку сите народи на светот – „крштевајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух, и учејќи ги да пазат сè што сум ви заповедал.“

Христос, браќа и сестри, кого и како ги избрал? Ниеден од нив не го повикал со присила, не им се заканувал, ниту пак нешто особено им ветил. Тој им го покажал својот живот како човек. Не им ветил богатство, не им ветил слава, не им понудил ништо земно, материјално и минливо. Туку им рекол: „Ако мене ме гонеа, и вас ќе ве гонат; ако го чуваа мојот збор, и вашиот ќе го чуваат.“

И токму затоа се покажува дека апостолите Го избрале Христа – нашиот Бог и Спасител – не заради некакви уживања, задоволства или посебни привилегии во овој свет, туку за да Го следат Христа, Кој заради нас пострада, беше распнат на Крст, ја пролеа Својата света и спасоносна крв, за да го избави човечкиот род од гревот и смртта.

Така ги избра, но им даде и слобода. Зашто рече: „Кој сака да оди по Мене, нека се одрече од себе, нека го земе својот крст и нека Ме следи.“

Тие, браќа и сестри, ги оставиле своите најблиски – татко и мајка, браќа и сестри, жени и деца, ниви и куќи, и сѐ што поседувале како богатство – и тргнале по Христа. Да се сетиме само на Неговите ученици Јаков и Јован, кои ги крпеа мрежите кога ги повика Христос Спасителот. Тие веднаш го оставија својот татко и го следеа. Зашто Господ рече: „Оставете ги мртвите, нека ги погребуваат мртвите.“

Некој ќе рече: „Сурово било тоа – да се остави татко, мајка, жена и деца, ниви и куќи и богатство – и да се тргне по Христа.“ Да, браќа и сестри, не сите ги оставиле родителите или куќите и имотот. Но и оние што го задржале тоа што им било дадено, не треба да го сметаат за свој приоритет. Тоа не треба да биде нивна прва цел, туку средство во животот, а не крајна цел. Некои погрешно го разбираат тоа и ги поставуваат земните нешта над духовните.

Но Христос вели: „Кој повеќе сака татко или мајка, жена или деца, куќи или ниви – не е достоен за Мене.“ Тоа не значи да не ги љубиме, туку дека љубовта кон Бога треба да ни биде прва и најголема. Во Божјите заповеди стои дека постојат две најголеми и совершени заповеди, кои ги содржат и сите останати – и старозаветните и новозаветните: љубовта кон Бога и љубовта кон ближниот.

Љубовта кон Бога – нашиот Создател – е прва, зашто Он е изворот на животот. Живот без Христа не е вистински живот, браќа и сестри. Ако се одвоиме од Изворот на животот – од Троичниот Бог: Отецот, Синот и Светиот Дух – тогаш ние не постоиме за вечна радост, туку се отуѓуваме од вечниот живот во Царството Небесно, со Бога Троичниот, со Пресвета Богородица, со Ангелите и со Сите Светии.

Затоа, кога Господ им рече на Своите ученици дека ќе ги направи „ловци на луѓето“, тоа се исполни уште на празникот на Педесетница, кога Светиот Апостол Петар ја изговори својата прекрасна, вдахновена проповед пред верниот народ. Тогаш поверуваа три илјади луѓе – нивните души беа просветлени, озарени од Светиот Дух, и сите посакаа и беа крстени. А во друга прилика, Светиот Апостол Петар крсти уште пет илјади души.

Гледате ли, браќа и сестри, колкава е силата Божја? Колкава е благодата Божја врз оние што веруваат во Троичниот Бог – што Го признаваат како вистински Бог и Го љубат со сето свое срце, со сета душа, со сиот свој ум и со сите помисли. И што ги љубат и ближните – не како Бога, туку како самите себеси. Зашто голема е разликата меѓу љубовта кон Бога и љубовта кон ближниот – Бог е Создателот, а ние сме Созданија. Нему Му припаѓа сета и совршена љубов, а љубовта кон ближниот треба да биде како што самите себе се љубиме – така и нив да ги љубиме.

Браќа и сестри, кога зборуваме за Светите Апостоли, должни сме да се сетиме дека тие го просветлиле целиот свет – од исток до запад, од север до југ. Но секој народ, браќа и сестри, има и свои апостоли, свои просветители и учители, преку кои бил воведен во верата. Така и нас, Македонците, Бог нѐ просветли преку проповедта на Светиот Апостол Павле – апостолот на незнабошците.

Кога Апостол Павле бил во Троада, планирајќи ги своите мисионерски патувања, не намислувал да дојде во Македонија. Но, како што се сведочи во Светото Писмо, му се јавил човек Македонец, велејќи: „Дојди во Македонија и помогни ни!“ И Павле, разбирајќи дека тоа е Божји повик, го промени својот план и тргна кон Македонија. Дошол во градот Филипи, и таму, покрај реката, каде што жените переа алишта, им ја проповедал благата вест.

Во Светото Писмо се вели дека една од нив, по име Лидија, ги слушнала зборовите на Евангелието, ѝ се отворило срцето, се просветлила и станала христијанка. Таа го поканила Апостолот во својот дом, велејќи: „Ако ме сметате за верна, не смеете да го одминете мојот дом.“ Така домот на Лидија стана првата христијанска црква во Македонија. И од таму почна проповедта на Евангелието не само во Македонија, туку и низ цела Европа.

Освен Светиот Апостол Павле, во Македонија проповедале и други свети луѓе. Светиот Апостол Андреј, исто така, проповедал тука. Тука пострадал и Свети Матиј – апостол, како и Свети Игнатиј Богоносец, кој на пат кон своето мачеништво во Рим минувал низ Македонија, по патот Игнација, кој го носи неговото име. Светиот Николај Чудотворец, Архиепископот Мирликиски, исто така, минал низ Македонија, кога неговите свети мошти биле пренесувани.

Светиот цар Јустинијан, којшто може слободно да се нарече и учител на Црквата, е еден од најпознатите цареви-теолози. Тој ја составил песната „Единороден Сине“ која и денес ја пееме на Божествената Литургија.

И да не ги заборавиме оние кои се наречени „рамноапостолни“ – заради својата вера и мисионерска дејност. Тоа се Светите Кирил и Методиј, кои проповедале и меѓу Сарацените, и на исток, и во Херсон каде што ги пронашле моштите на Свети Климент, Папа Римски. Проповедале и во Моравија и Панонија, а нивните ученици – Свети Климент и Свети Наум – особено Свети Климент, кој бил прв словенски епископ и учител, ја продолжиле нивната мисија.

Свети Климент и Свети Наум од Охридската школа подготвиле преку 3500 ученици, кои ја пренеле светлината на Христовото Евангелие во сите словенски земји. Со право можеме да кажеме дека 80% од православието на словенските народи е дело на Светите браќа Кирил и Методиј и нивните свети ученици – Климент, Наум, Сава, Горазд и Ангелариј.

Не сакаме со ова да истакнуваме националност, туку да ги покажеме плодовите на нивната света дејност и мисија – како луѓе „рамни на апостолите“, кои со верата го просветлиле својот народ.

Ете, браќа и сестри, со други зборови – делото кое го започнаа Светите Апостоли, го продолжија Светите Апостолски мажи, Седумдесеттемина, и сите рамноапостолни, како Светите Константин и Елена, Светите Кирил и Методиј, нивните ученици – Климент, Наум, Сава, Горазд и Ангелариј – и сите оние кои ги просветлиле своите народи и земји.

Да се помолиме, браќа и сестри, на Светите славни Апостоли, кои го уловија целиот свет – не за себе, туку за Христа, нашиот Бог и Спасител, Троичниот Бог – Отецот, Синот и Светиот Дух.

Амин.