Недела на Самарјанката – Света Архиерејска Литургија во Битола

На 18.05.2025 г., во Петтата недела по Воскресението Христово, посветена на Самарјанката, кога го празнуваме споменот на Светата Великомаченичка Ирина Солунска, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоерејот ставрофор Никола Грамбозов и протоѓаконот Драган Георгиевски, отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Рождество на Пресвета Богородица “, во Битола.

На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух! Амин!

О, кога би знаела ти Кој е Оној што ти вели: „Дај Ми да пијам“, ти би побарала од Него, и Тој би ти дал жива вода, која тече во живот вечен!

Возљубени браќа и сестри, денес од Светото Евангелие слушнавме за средбата на нашиот Спасител Христос со Самарјанката, кај Јакововиот извор, близу до градот Сихар. Учениците на Господ беа заминале во градот да купат храна, а Христос останал сам покрај кладенецот. Таму пристигнала една жена, Самарјанка, да наполнува вода. Христос ѝ рекол: „Дај Ми да пијам.“ А таа зачудено одговорила: „Како Ти, Јудеин, бараш од мене, Самарјанка, да пиеш?“ Зашто Јудеите не се дружеле со Самарјаните.

А Господ ѝ рече: „О, женo, кога би знаела Кој е Оној што ти вели: ‘Дај Ми да пијам’, ти би побарала од Него, и Тој би ти дал жива вода што тече во живот вечен.“

Овој разговор меѓу Спасителот и жената Самарјанка, на која е посветена оваа недела, продолжил и станал сѐ подлабок. Жената Го прашала: „Нашите татковци се поклонуваа на оваа гора, а вие велите дека во Ерусалим е местото каде треба да се поклонува човекот.“ А Христос ѝ одговорил дека настапува време кога вистинските поклоници ќе Му се поклонуваат на Отецот со дух и вистина.

Кога Христос ѝ рече: „Повикај го мажот свој“, таа одговори: „Немам маж.“ А Тој ѝ рече: „Добро рече дека немаш маж, зашто петмина мажи си имала, и овој што го имаш сега не ти е маж.“ Таа се зачуди, се исплаши и рече: „Господи, гледам дека си пророк.“

Жената ја остави стомната, отиде во градот и им кажа на своите сограѓани: „Дојдете да го видите човекот што ми кажа сѐ што сум направила – да не е Тој Месијата?“ Тие излегоа и дојдоа при Христа, и Го замолија да остане кај нив. Христос остана во нивниот град два дена, и многумина поверуваа во Него, велејќи: „Не веруваме веќе заради твојот збор, зашто сами Го слушнавме и знаеме дека овој навистина е Спасителот на светот, Христос.“

Погледнете, браќа и сестри, каква разлика има меѓу Самарјаните и Гадаринците! Самарјаните, кога Го сретнаа Христа, Го примија и Го замолија да остане. А Гадаринците, кога го видоа исцелениот човек што бил исполнет со легион бесови – наместо да се израдуваат, Му рекоа: „Оди си од нас!“

Не го правиме ли и ние понекогаш истото? Кога грешиме – кога прељубодејствуваме, блудствуваме, се гордееме, мрзеливи сме, завидуваме, клеветиме, мразиме и се одмаздуваме – зарем не велиме со своите дела: „Оди си од нас, Господи“?

Кога срцето ни е исполнето со страсти, а не со покајание, паѓаме во униние – во безволност, во духовна смрт. Но, Христос не дојде за праведниците, туку за грешниците. Тој нуди жива вода – благодатта Божја, која ни се дава преку Светиот Дух во Светите Тајни.

Оваа жива вода почнува со Светата Тајна Крштение, а се крунисува со Светата Причест – Телото и Крвта на Христа. Без таа благодат, ние не сме живи во Христа, туку само биолошки постоиме.

Токму таа благодат – Светиот Дух – беше излеана на апостолите на Педесетница, кога беа собрани еднодушно со Пресвета Богородица. Тогаш Црквата Христова се исполни со полнотата на благодатта. Таа е истата благодат што им беше дадена и на апостолите на Тавор кога Христос се преобрази пред нив, покажувајќи ја Својата слава. Таа е благодатта на Светата Троица, која се пројави и при Христовото Крштение, кога Отецот рече: „Овој е Мојот возљубен Син“, а Светиот Дух се јави во вид на гулаб.

Затоа, вистински жив е оној човек кој живее во благодатта Божја, кој се причестува, се кае и се труди да живее свето. Оној кој ги отфрла смртните гревови – гордоста, среброљубието, мрзливоста, омразата, злобата, безволноста, па и современата болест на духот – депресијата. Најстрашно е кога човекот паѓа во очајание, како Јуда, и ѝ ја предава душата на темнината, наместо на Бога.

Сѐ додека сме живи, браќа и сестри, да не ја предаваме душата на ѓаволот, туку да се бориме да бидеме вистински живи – исполнети со благодатта, жива вода која тече во живот вечен. Амин!

Христос Воскресна! Навистина Воскресна!

(Аудио) «Воскресна аудио проповед на Митрополитот Петар»