Човекот – е образ Божји

Човекот е создаден според образот и подобието Божјо. После тоа, откако Господ ги создал небото, земјата и сиот растителен и животински свет, Он го создал своето највисоко создание – човекот. Потоа рече Бог: „Да создадеме човек според Нашиот образ и подобие како што сме Ние” (1. Moj. 1, 26). Понатаму во Библијата се вели: „А го создаде Господ Бог човекот од прав земен и му дувна во лицето дух животен; и човекот стана жива душа“ (1. Moj. 2, 7).

Во секого од нас постои искрата на Божеството, образот Божји, бесмртниот почеток, кој Господ го вдахнал во човекот при создавањето. Образот Божји во човекот, како прво, се наоѓа во бесмртноста на душата, во нејзината духовност, бидејќи Самиот Бог е совршен и апсолутен Дух; како второ, во разумот (во способноста на човекот да мисли, да биде свесен за својата личност и во можноста да го познае Бога); како трето, способноста за креативност (Бог – е Творец, и Он нам ни дал способност да создаваме); и, како четврто, во слободната волја. „А Господ е Дух; а каде што е Духот Господов, таму има слобода“ (2. Кор. 3, 17).

Бог ни го дал нам дарот на љубовта, можноста да љубиме, бидејќи Самиот Он е совршена Љубов. Во секој човек постои образот Божји, можеме да речеме, дека човекот – е жива икона на Бога, и ние сме должни, да го гледаме тој образ во секој човек, почитувајќи и љубејќи ги луѓето.

Човекот се состои од три нешта: од дух, душа и тело.

Духот – е највисокиот, духовен, Божествен почеток во нас. Во него е образот Божји. На духот му се својствени духовните својства и стремежи во човекот. Човекот се разликува од животните со тоа, што во него постои повисок Божествен и бесмртен почеток.

Телото – е она, што не поврзува нас со целиот животински свет. Тоа е земено од земниот прав, и во себе го содржи истиот хемиски состав, кои се наоѓа во сета жива природа. Телото – е сад на природните инстинкти, потреби и желби.

И на крај, душата. Таа е некој вид сврзувачки почеток меѓу духот и телото. Душата одговара за чувствата, емоциите, грижите и желбите во човекот. Ако човекот живее духовен живот, стремејќи се кон Бога, тогаш сета негова природа – и душата, и телото, – почнуваат да му се покоруваат на духот, односно се одухотворуваат; и напротив, ако човекот не размислува за возвишеното и духовното, живеејќи според телесно-органските потреби, тогаш духот и душата, почнуваат да се покоруваат и да му служат на телото.

Нашето тело има потреба од тоа, ние да се грижиме за него: да го храниме, облекуваме, да го заштитуваме од опасности, а доколку е потребно – и да го лечиме. Сепак, најпотребно е човекот да се грижи за состојбата на духот: тој е над телото. Како да се грижиме? Ние ќе се грижиме за духот, ако живееме онака како што говори Господ, односно ако живееме според Неговите заповеди, да го љубиме Бога и луѓето, и се разбира, да се молиме на Бога. Молејќи му се на Бога, ние разговараме со Него, се приближуваме кон Него и добиваме од Него Божествена благодат, духовна енергија, кој ја храни нашата душа.

За духот во нас да биде здрав, потребно е пред сè редовно да пристапуваме кон Светите Тајни: Исповед и Причест. Преку Светата Тајна Исповед, ние пред Бога се каеме за нашите гревови, просиме од Него прошка и очистување од нив, а преку Светата Тајна Причест, ние се соединуваме со Самиот Бог, примајќи ги во себе Светите Дарови. Светата Тајна Причест, ја храни и исцелува нашата духовна и телесна природа.

Извор: https://pravoslavie.ru