Како да го избегнеме гревот или горчливиот вкус на смртта?

Многу често од луѓето кои се декларираат како неверници, можеме да го слушнеме прашањето: „Зошто сум должен да го избегнувам гревот? Зошто мора да ги следам Божјите Заповеди?“ За жал, за многумина Божјите Заповеди, нормите на христијанскиот живот, претставуваат „товар“, кој им ја скратува сопствената удобност и задоволство. Но, ако погледнеме во суштината на проблемите, тогаш работите ќе се представат пред нас во поинакво светло.

Заповедите, кои ни се дадени од нашиот Создател, не ни се дадени за преку нив да бидеме лишени од нашите задоволства. Причината за појавата на Божјите Заповеди  – е Божјата љубов кон луѓето.

Господ за нас – е Извор на животот. Самите ние според својата природа сме зависни од Бога – доаѓаме во светот не според својата волја, а исто така, не по своја волја се враќаме во земјата. Ние немаме власт над својот живот, бидејќи не можеме да го создадеме. Полнотата на нашиот живот во Бога, ја добиваме од Бога, бидејќи Он е причина не сè што постои.

И така, Бог – е Изворот на нашето постоење. Колку повеќе ние се оддалечуваме од Него, толку повеќе се оддалечуваме од животот и длабоко навлегуваме во областа на смртта. Правејќи грев, човекот се оддалечува од Бога, а како резултат на тоа, во својот живот го носи горчливиот вкус на смртта.

Грешејќи, ние се казнуваме самите себеси, бидејќи опитот на гревот – е опит на умирањето. Грешејќи, ние се оддаваме себеси во ропство на смртта, ја разрушуваме сопствената природа и внесуваме во неа раздор и распаѓање. Бог, како Отец, Кој нè љуби, за да нè запази од гревот, ни дава заповедите и правилата, кои ни го укажуваат правилниот пат на човечкиот живот – патот кој води не во бездната на смртната темнина, туку во светлото Царство на Вечниот Бог. Заповедите – се предупредувачки знаци кои не опоменуваат: не прави го овој чекор, бидејќи ќе паднеш во бездната.

Заповедите – се заштита од погрешните постапки. Бог според Својата неискажлива љубов нè предупредува: оваа или онаа постапка може да доведе до ужасни последици во духовниот живот, односно може да довед до смрт.

Имено, така постапуваат и родителите, кои му забрануваат на своето дете, кое тие неискажливо го љубат, да игра со безопасни работи. Мајката, кога го одзема од своето дете остриот нож, така постапува, не затоа што сака да ја ограничи неговата слобода или да му ја одземе интересната играчка, туку тоа го прави заради љубовта кон своето дете.

Точно така и Бог, сакајќи да нè одтргни од гревот кој нè води кон смрт, ни ги дава нам Своите Заповеди, кои ни укаживаат дека тоа и тоа дејствие е грев. Гревот не е ништо друго, освен противење на Бога, бунт против хармоничните закони на вселената, обид да се живее живот без живот, стремеж да се изгради сопствената среќа во изолација од изворот на среќата – Бог. Езерото, кое е отсечено и оградено од изворите што го хранат со жива вода, е осудено со време да стане мочуриште или едноставно да исчезне. Среќата, која е создадена во изолација од изворот на среќата, не може да биде вистинска среќа. Гревот никогаш не принесува вистинска среќа. Со гревот не можеме да се наситиме. Вие не можете да ја задоволите жедта со вода од горчлив извор. Точно така, невозможно е да се задоволи жедта за светост и жедта за среќа со помош на гревот.

Гревот е привидение на среќата. Тој само ветува, привлекува, искушува, но после неговото вкусување, на нашите усни останува само горчливиот вкус на смртта. Човекот, кој не го постигнува она што го сака, повторно и повторно се обидува да ја замени вистинската среќа со страста на гревот, кој нè води во смрт и изолација со Бога. Затоа, за секого од нас е важно да се стреми кон Бога – изворот на среќата. Токму затоа за нас е важен животот во согласност со Божјите Заповеди. Токму затоа, Православната Црква, преку устата на пророкот Давид, го повикува секој човек: „да се клони од зло и да прави добро “ (Псал. 33, 15).

Протоереј Андреј Николаиди

Извор: http://pravoslavie.ru