Да се види Бога во лицето на другиот

Многу е важно, да се научиме да му оддаваме почит на другиот човек. Еден старец вели:

– Кога двајца монаси се среќаваат, тие треба да се поклонат еден на друг. Зошто? Ако си го видел својот брат – ти си го видел Господа твојот Бог.

Ние мора да се научиме да го гледаме Бога во лицето на другиот човек. Друг старец вели:

– Блажен е монахот (и христијанинот), кој смета дека сите луѓе се богови после Бога.

Таквиот човек се учи да го цени другиот, оддавајќи му ја нему должната почит. Само тогаш, другиот ќе може да го разбере неговото место и вашата врска со него, а вие сами ќе можете да го воспоставите вистинскиот однос со другите.

Сето ова започнува уште од детството. Денес детската психологија учи дека со детето треба да се разговара сериозно за сериозни работи. Ако детето го однесете на Света Причест и му речете: „Отвори ја устата и ќе ти дадат златна птица!“, – тогаш тоа, се разбира, ќе ја исплука Причесната, бидејќи не сака златна птица. А што ако Причесната на вкус не е како златна птица, туку е со киселкав вкус?

Или му велат: „Ова е вино!“ Зарем на свештеникот му личи да му дава вино? Зар нема да посака кога ќе порасне да оди во ресторан и да испие едно шише вино? Просто, посакал малку вино!

Јас сето тоа сум го видел. Ние во манастирот причестуваме многу деца, а родителите доаѓаат и им велат на децата:

– Отвори ја устата, свештеникот ќе ти стави златен заб или „златна птица“ и други глупости. И детето плаче на силен глас. Но, кога му кажуваш:

– Отвори ја устата, дете мое, ова е Христос! – Гледаш како детето станува сериозно и разбира дека Христос е таму.

Детето го чувствува тоа, и многу повеќе разбира од неговата мајка или баба. Јас многу се лутам кога на детето му зборуваат безумни работи..

Вие ќе ме прашате:

– Дали двегодишно дете може да разбере било што?

Разбира. Како разбира? Кога ќе му кажеш: „Христос“, тоа станува смирено и ја отвора својата устата, но ако разговараш со него со секакво лудило, тогаш се противи.

Денес е докажано дека за сериозни работи, треба сериозно да разговараме дури и со малите деца. Да речеме, тоа нека го разбираат на начин на кој можат да го разберат, но ние да не ги омаловажуваме тие работи.

Што ако го научиме детето непристојно да се однесува кон својата мајка, да плука во неа, да и кажува страшни зборови… Се сеќавам на примерот со едно дете, на кое наставничката му говорела дека зборовите „див“ и „диви“ воопшто не се лоши. Па тогаш, нека почне да ја нарекува дива.

Ако детето научи да ги понижува луѓето, тогаш кога ќе порасне, во него нема да има ништо достоинствено. Тоа е докажано. Јас сега имам 42 години и имам многу пријатели кои се во брак, кои ги знам уште од детството и ги гледам како живеат во своите семејства. Што гледам во нивните семејства? Јас гледам копија на нивните родители, која и сега се повторува, односно меѓусебно се расправаат и караат. Кога одам кај нив, на ум ми доаѓаат нивната мајка и татко. Како што некогаш се однесуваа нивните родители, тие сега така се однесуваат, а станува збор за едуцирани луѓе со високо образование, но сето тоа во нивните очи паѓа, поради нивните груби манири. Зошто? Затоа што тие го наследиле тоа.

Се случува, некој да ја изрази својата љубов кон другиот, но бидејќи не знае како да го направи тоа, тој дејствува погрешно. Ако тој, во неговата душа нема такви образи, тогаш како тој може да ја изрази својата љубов кон својата жена? Тој сака да и каже некоја шега, да ја погали, но во реалноста тој постапува како да зема вреќа и со неа ја бие по главата, а од нејзините очи излегуваат искри. Ете, таква е реакцијата на таквата страшна и застрашувачка шега, но тој бедниот го прави тоа со добра намера, сака да ја погали својата сопруга, но излегува спротивното. И ако навлеземе подлабоко, ќе видиме дека во нивниот дом тие зборуваат на ист начин, како и таму каде што пораснал. Се разбира, сето ова е стекнато, но човекот може да поработи над себеси и да се ослободи од тоа.

На истиот начин, ти исто така не можеш да зборуваш и со твојот пријател и да му се обраќаш со вулгарни зборови. Или слушам од некои девојки, а тоа е токму она на кое девојките треба да обрнат внимание, бидејќи тоа е страшно, кога девојките ги надминуваат момчињата во нивната суровост и вулгарност. Па, како таа утре ќе стане мајка? Гледајќи и слушајќи како таа се расправа на силен глас, си говориш: „Господи, помилуј! Какво суштество е ова? Зарем ова е женски глас?“ Ако не ја видев, би се запрашал: дали е тоа жена или маж?

Или таа ги пружа своите рацете, за да го земе своето штотуку родено дете, а ти гледаш на нејзините раце огромни црни нокти, со црвена коса и нашминкани очи.  А тоа дете, кое штотуку се родило … замислете си, ги отвора очите и ја гледа својата мајка со црвена, зелена или пурпурна коса, со испакнати и свирепи очи и со огромни нокти. Зарем тоа нема да каже: „Каков ѕвер ме роди?“

Деца, сето ова е реалност. Кога јас понекогаш делам нафора, брзам да ја оттргнам раката од ноктите на некои од дамите. Добро деца мои, но која е ползата од сето ова? Црни, сини, жолти, зелени нокти. И се прашуваш себеси: што е сето ова? ..

Начинот на изразување е многу важен. Ние сме мажи, но кога некој маж се преправа дека е жена, тој станува за потсмев, или ако жена земи и си залепи мустаќи и брада, таа исто така ќе стане за потсмев. Промената на основните црти на лицето, има влијание врз психата на детето. Кога ќе порасне, што ќе види дома? Каква мајка ќе види пред себе, каков пример? Мајка која зрачи со мајчинството, добрина и убавина или мајка, која кога ќе ја види, ќе се уплаши?

Затоа, треба да обрнеме внимание на самите себе. Остани таков, каков што Бог те создал, за достоинствено да се однесуваме, прво кон самите себе, а потоа и кон другите. Понекогаш луѓето прашуваат:

– Дали е грев човек да нанесува шминка на своето лице?

Тоа не е грев, шминкај се како сакаш! Тогаш во што е проблемот? Проблемот е во тоа да се изменуваш. Или носиш обетка – а другиот те гледа и се прашува: како можеш тоа да го издржиш? Или зошто ја ставаш на веѓите? Добро, па зарем не ти пречи, како мува да ти седи на челото?

Зошто е сето ова деца?

Во мојот манастир, од чардакот, каде што владее тишина, многу често имам можност да ги набљудувам луѓето кои доаѓаат во манастирот. Многу често во манастирот доаѓаат жени, кои со своите штикли тропаат ли тропаат кога влегуваат во храмот, а внатре, можеби се чита Евангелието и владее целосна тишина. И потоа, истата таа жена ќе ви рече: Јас не одам во црква, бидејќи кога ќе влезам внатре, сите гледаат во мене!“

Па се разбира дека ќе гледаат, кога ги вознемируваш! Како може човек да не го види она што си го облекла и на кое си дошла тука! Тие од тоа што ќе го видат, веќе им се врти го главата!

Деца, почитта започнува од себеси. Добро, да се согласиме дека жената во самата своја природа има потреба да се дотерува, да носи убава облека и.т.н. Тука е потребна мерка. Убавина – во дозволени граници. Крајностите не се непотребни, затоа што тогаш човекот ја губи својата мерка и повеќе не може да разбере што е исправно, а што не е, бидејќи нема никакво чувство за мерка, тој го изгуби чувството за тоа дека со тоа ќе ги омаловажи другите луѓе. Кога му велите:

– Дете мое, ова е непристојно! – тој те прашува тебе:

– Зошто? Како ова може да биде непристојно?

Тој не го разбира ова, бидејќи во него нема мерка.

Ние мора да научиме да ги цениме другите и Самиот Бог. Благодарноста кон Бога доаѓа постепено: прво почнуваш да се цениш себеси, да се почитуваш себеси, своето тело, да се грижиш за него на убав начин, со почит кон себе, без да го промениш лицето. Потоа, откако ќе научиш да се почитуваш себеси, ти почнуваш да ги почитуваш своите родители, наставници, братот, соседите, вујкото, сопругот и.т.н.

Значи, нашиот живот станува убав, бидејќи она што му го давате на другиот, тоа ќе ви се врати. Ако сте варварин, тогаш и кон тебе ќе се однесуваат така. Затоа, треба да работиме над самите себе и почесто да се запрашаме: „Зошто го правам тоа, од која причина? Еве, јас ставив 15 обетки на себе, ги наредив од врвот до долу. Зошто? За да бидам поубав (поубава)? Но, тоа е грдо. Која е причината тогаш? Што ме мотивира за тоа? „Мораме да го видиме импулсот, да се испитаме себеси, но не со душевен напор, туку со постепена работа над себеси.

Потребна ни е педагогија. Грчкиот збор μόρφοση („образование“) значи „да се пренесе образ“, односно тоа не значи дека треба само да се научат букви и бројки, туку да се пренесе и одреден образ. Да речеме постои некаква аморфна маса, и ти и даваш конкретен образ, а тоа се однесува на целиот човек. Впрочем, човекот може да се види во ситниците, од начинот како тој седи, од начинот на кој зборува,  од она што ќе го направи и.т.н.. Ова е многу важно.

Светите Отци го нагласуваат ова: подвижниците кои  живееле во пустината и не виделе човечко лице, пишуваат во своите аскетски слова, меѓу другото, и за пристојноста. На пример, Свети Исак Сирин зборува за великодушноста на монасите. Со ова, тој сака да каже дека човекот се здобива со личност и карактер, преку едноставни средства, што тој ги има околу него.

Токму затоа, Црквата инсистира на ова. Црквата не е морализам, таа ја преобразува целата личност. Ти тоа треба да го разбереш, бидејќи поинаку никогаш нема да почнеш да се движиш напред.

За жал, ние денес стигнавме до таму, психолози да ни одржуваат семинари, учејќи нè како да разговараме едни со други. Постојат такви семинари, во кои годишно се плаќа околу 80 евра. Ми кажаа, дека создаваат групи за комуникација, па јас еднаш присуствував на еден таков семинар. Од двете страни имаше по пет лица, а во средината седеше психологот, кој ги учеше како да направат дијалог. Што мислите како? Психологот им велеше дека додека другиот зборува, ти мора да стоиш и да го слушаш, а исто така, и додека ти зборуваш, ти самиот мораш да се слушаш што зборуваш, бидејќи ти многу често воопшто не слушаш, односно не говориш, па затоа и самиот не знаеш што говориш.

Тоа искуство е големо – да се научиш да бидеш внимателен, да работиш над себеси: тоа е основата на сето она што го прави човекот. Во манастирот, кога ние стануваме монаси, го правиме токму она што вие треба да го направите во бракот. Во манастирот се учиш да им кажуваш и одговараш на другите сè точно, а кога ќе дојде до недоразбирање, ти никогаш не си во право. Старецот нема да ти каже: „Знаеш, во право си!“ Не! Но тој секогаш ќе ти каже: „Ти си виновен“:

„Но, тој мене ми рече тоа, тоа и тоа, обвинувајќи ме …“

„Што и да ти рече, ти си виновен!“

Зошто ти го направи тоа? Научи се да работиш на себеси, да не ја бараш вината во другиот, туку во себеси.

Ако ние постапуваме така, секој пат кога имаме недоразбирања во семејството, или ако сакаме да се оттргнеме од некоја личност или конкретен настан и да речеме: „Ајде, остави го на мира. Тој тебе те клеветел и навредувал.. Тој има свои проблеми. Но ти, што би направил во тој случај?“- тогаш навистина работата ќе тргне, откако ќе почнеш да работиш на себеси, а не над другите.

Ние мораме да ги знаеме овие работи, да ги знаеме Божјите Заповеди, кои ни се дадени како противотров и ни покажуваат како да ја изградиме својата духовна градба. Човекот секогаш треба да започнува со себеси, а не со другите.

Понекогаш велат:

– Зошто сум добар со другите, а дома не сум? Зошто сум добар со другите, зошто сум трпелив, добродушен и пријатен, а дома сум нервозен и исполнет со гнев?

Таков си, бидејќи ти не работиш на себеси, бидејќи се имаш научено да го одржуваш својот имиџ пред другите луѓе. Кога таквиот човек (нервозен и исполнет со гнев) ќе се види себеси од надвор, станува ужасен, па дури може да го опфати и депресија, ако во било кој момент се разочарал од самиот себеси. Сето тоа се случува, бидејќи тој никогаш не се занимавал со себеси, никогаш не погледнал на себеси, туку секогаш гледал во други, во оние кои го опкружуваат, во општеството и на работа. Тој не се гледал себеси, не се научил на тоа, преку духовен труд.

Ние треба да се научиме да живееме во Црквата, бидејќи таа секогаш става сè на свое место, го враќа човекот на своите темели и му вели:

– Погледај, духовната работа започнува од тебе, ќе почнеш да се набљудуваш себеси, другите и Бога. И започнуваш со малите нешта.

Ти не можеш да речеш: „Ќе ги занемарам ситниците, бидејќи тие не се поврзани со главната работа!“ Не. Сè е поврзано и сè сведочи за квалитетот на твоето „јас“. Тоа е основа и фундамент, кој мора да влезе во нашите животи. Ако ова не се случи, ние нема да можеме да се движиме напред, бидејќи човек кој се понижува себеси, не може да ги почитува другите, бидејќи тој ќе ги понижува и нив.

Ние, денес тоа го гледаме насекаде, па дури и меѓу воцрковените луѓе. Постојано гледаме дека на луѓето им недостасуваат многу нешта, дека во нив ја нема почитта кон другиот човек и.т.н. Зошто е сето тоа? Да се запрашаме, како ние ќе го научиме своето дете, кога тоа утре ќе создаде семејство и ќе треба да и каже „благодарам“ на својата сопруга која зготвила вечера? Или ќе и рече: „Ти подготви јадете? Тоа е твоја должност!“- и воопшто нема да го земе во предвид трудот на својата сопруга.

Ете, сето тоа може да доведе до непријатни ситуации, како во семејството, така и во комуникацијата со другите луѓе.

 

Митрополит Лимасолски Атанасиј

Извор: http://www.pravoslavie.ru