Средба лице во лице

leaning-on-the-beloved-danielle-bilen

Лицето на човекот е најсовршен одраз на неговата личност. На лицето – очите, челото, насмевката, целокупниот израз кој лицето го дава – се одразува целиот внатрешен свет на човекот и најголемите длабочини на неговото битие. Затоа, во православната вера која почива на тајната на личноста и личниот однос на човекот со Бога и со другите луѓе, толку е важно местото на иконата – на која секогаш доминира Ликот Христов или ликовите на Неговите Светители. Застанувајќи пред иконата, ние секогаш застануваме пред самото лице на нејзиниот изобразен првообраз. Иконата е најречит збор и сведоштво и за Бога, и за човекот, и за нивниот меѓусебен однос кој е исполнет и остварен единствено ако е однос лице во лице.

Низ целата историја на Христијанството, Црквата затоа толку предано го бранела и утврдувала своето почитување на светите икони, и тоа како израз и пројава на самата суштина на својата вера. Ја сведочела вистината дека во нашата средба со иконата на Христос и светителите ние стапуваме во однос со нив, и тука започнува нашата комуникација, а истото е и во односот со ближните.

Денес живееме во време на непрестајно усовршување на средствата за комуникација и големи технолошки напредоци. Некогашните живи гласници и писма ги заменија мобилните телефони, електронската пошта и телевизијата. Но, без оглед на нивната очигледна целисходност, не смееме да заборавиме дека сето ова се само средства, кои имаат една и иста цел, цел која не може и не смее да биде заменета – да упатат човек на човек, застанување лице во лице едни пред други. Зашто тој и таквиот жив однос и е оној вистински, личен однос кој е основен предуслов и темел за добра и целосна комуникација.

Токму затоа што ја пренесува сликата на човечкиот лик, од сите современи средства за комуникација, најраспространета е секако, телевизијата. Но, и телевизијата остварува само еден вид на полу-комуникација, зашто никаква слика, како ни глас, ни збор, не може да го заменат живото и конкретно присуство на другиот човек. Бог, како што пишува во Стариот Завет, го создал човекот по Својот образ и подобие, му вдахнал Дух Свети и човекот станал жива душа. Голема е тајната на човечката боголикост и човечкото лице, би можеле да речеме, е најсовршеното богомдадено „средство“ за комуникација. Првосоздадениот човек Адам, меѓу сите создадени битија не можел да најде другар и пријател, сè додека Бог не создал друго човечко лице во кое тој ќе може да се огледа и спрема кого ќе може да го гради сопствениот идентитет.

Затоа, лицето е единствениот дел од нашето тело кој никогаш не е, ниту би требало да биде покриен. Доволно е само – тоа добро го знаеме од секојдневното искуство – човек да стави очила за сонце, за комуникацијата лице во лице да биде нарушена. Лицето е отворено спрема другиот, откриено, речито дури и кога не зборуваме, и понекогаш само поглед или насмевка се доволно да искажат многу повеќе од самите зборови. Нема поголема вредност на овој свет од средбата со лицето на другиот човек и ништо не му причинува на срцето таква радост, како живото присуство на саканото битие. Како што ништо не растажува толку силно, како свртувањето од нас на лицето од оној кого го сакаме.

„Не свртувај го Лицето Твое од слугата Твој“, пееме во еден великопосен прокимен обраќајќи се на Господа. Зошто? Затоа што само во светлоста на Неговото Лице можеме да ја видиме вистинската светлина, да бидеме осветлени од неа и во неа да го видиме лицето на другиот човек, кој е секогаш жива икона на Живиот Бог. Лицето на другиот, пред кого стоиме, секогаш е потврда и на самите нас и на нашето постоење. Живи сме и постоиме само во однос на другиот. Оваа голема истина добро ја чувствува и сведочи новороденчето, кое своето постоење го црпи од лицето на мајката, која над него со љубов и нежност бдее, иако притоа не знае, и нема во своето искуство и разум јасна, или било каква свест за тоа која е таа всушност.

Во „Горскиот венец“, великиот Његош преку ликот на Владиката Данило, кажува зборови упатени до стариот игумен Стефан:

„Нема поубава работа на светот

од лицето полно веселост, особено како твоето:

(…) а лицето ти е мазно и весело.

Тоа е директен благослов од Севишниот.

                Лицето полно веселост, секогаш е огледало на жива душа, огледало на душата во која живее Бог, сведоштво дека оној кого такво лице го краси, стои и живее пред Лицето Божјо осветлен од онаа нетварност на светлината на Неговото Лице, која толку богато ни се открила во празникот на Преображението. Таа ни се дава и открива и во сите други празници, според мерата на нашата подготвеност да ја примиме, да се отвориме за неа и своето лице да го свртиме кон неа. Тоа е единствената средба која вистински нè оживува – средбата со Живиот и Вистинит Бог.

Во Светата Тајна Крштение, на пример, толку очигледно се открива и покажува колку е важен односот лице во лице. Свртувајќи грб – на почетокот на Крштението, а во знак на одрекување од својот претходен живот, кој без Христос сиот бил темнина, лага и небитие, се сега се свртуваме кон Христос, Кој е Светлина, Вистина и Живот. Со своето лице, т. е., со сето свое битие се свртуваме кон Него во знак на согласност и желба да влеземе со Христос во жив, личносен однос. Нашето лице, на кое се сместени скоро сите наши сетила, го добива печат-дарот на Светиот Дух и бива осветлено од онаа нетварна, Таворска светлина на Христос во Чие име се крштеваме. Во оваа Света Тајна човекот застанува пред Лицето Божјо и тоа стоење пред Бога станува неговото ново, духовно раѓање.

Но, по слабоста своја ние грешиме и често ја валкаме и помрачуваме светлината со која е осветлено нашето лице во Крштението. Но, од тоа и се избавуваме, и тоа преку покајанието кое е поврзано со солзите, со плачот, кој повторно е настан поврзан со лицето. Свети Јован Златоуст, во една своја литургиска молитва вели: „Ти сè од небитие во битие си привел; Си го создал човекот по Свој образ и подобие и со секој Свој дар си го украсил; Ти даваш мудрост и разум на оној кој Те моли, и не ги презираш грешниците, туку за спасението си одредил покајание“. Она значи, преку кое спасуваме е покајанието, а покајанието подразбира повторно застанување пред Лицето на Бога, од Кого преку гревот сме се одвратиле, отпаднале, одвоиле, и со тоа сме се одвоиле од Изворот на светлината, животот и сопственото постоење. Преку покајанието, преку своето смирено признавање на сопствениот грев и слабост, повторно и секогаш одново излегуваме од себеси и стапуваме во однос со Оној, Кој Единствен може одново да ја воспостави целоста на нашето битие и личност, од грев разбиена, да ја врати радоста на нашето лице и да ни даде смелост нам, кои иако по земја одиме, со лицето за небото да се држиме.

Зборот човек, на црковнословенски человек, го означува оној кој е загледан со челото во вековите, во вечноста. Да се биде човек, значи со своето лице, т. е., со сето свое битие да бидеме загледани и обратени кон вечноста, и да живееме во овој век гледајќи го Христос во лицето на секој човек, кој е Негова жива икона.

Лицето на другиот е секогаш Христовиот суд над нас, и како што нашето лице се огледува во лицето на другиот, така и лицето на другиот се огледува во нас. Ако во овој привремен живот живееме раководени од таа голема вистина, ќе ја сфатиме длабоката смисла на зборовите на ранохристијанските подвижници: „Го видов братот свој – го видов својот Бог“. Тогаш ќе можеме и во идниот век, кога Господ повторно ќе дојде во славата Своја, уште поблиску и понепосредно да се насладуваме од светлината на Неговото Лице, зашто „сега гледаме како во огледало, во загатки, а тогаш ќе гледаме лице во лице“.

Така нека биде. Маран ата.

 

Владика Григорије Захумско-херцеговачки