За Љубовта и единството – Јеромонах Методиј Зинковскиј

b9y5WJ

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

                Драги браќа, денешното Литургиско Евангелие, може да се каже ја содржи најопштата Христова формула за единството. Зошто? Затоа што Господ го започнува тој дел од Евангелието со зборовите: Кој сака татко или мајка повеќе од Мене, не е достоен за Мене. Кој љуби син или ќерка повеќе од Мене, не е достоен за Мене. А понатаму зборува за Крстот: Кој не го земе крстот свој и не врви по Мене, не е достоен за Мене.  (Мт. 10, 37-42).

Зошто се тоа зборови на единство? Површното читање на овие зборови може дури да го направи човек да се посомнева во благоста Христова. Нашиот световен ум, неисправен, неосветен, ум кој размислува само по рамна земна логика, може да си помисли дека на Христос му е потребно ние да Го сакаме повеќе, отколку што ги сакаме нашите ближни. Воопшто не станува збор за тоа. Господ зборува за тоа, дека Неговата љубов е толку безмерна, што Тој го создал човекот по образот на Света Троица. Како што се Отецот и Синот и Светиот Дух, најголемата тајна во Православието, најголемата тајна во Светото Писмо, дека Бог е еден и множество истовремено, еден по суштина и троичен по лица, по истиот образ е создаден и човечкиот род. И еден од луѓето, станува Христос, Синот Божји. Едниот од Света Троица, во таинствениот момент на Благовештението станува човек и ги соединува тие две димензии, божествената и човечката со Своето воплотување, станувајќи Богочовек. И од тој момент, Божествената љубов на некој посебен, таинствен начин е повикана да проникне во човечкиот род, но не без нашата волја. Само тогаш, кога ќе посакаме да ја примиме. И така, се појавува прашањето: нашата љубов, која ја чувствуваме кон нашите ближни, дали е индивидуалистичка љубов која ги сепарира, одделува луѓето кои ги сакаме од сиот човечки род, ги става на пиедестал и им се поклонува како на идоли. За жал, тоа е сосема погубен пат, и повеќето луѓе кои го прават тоа се разочаруваат, тој идол се покажува сосема различен од она што го замислувале. Потоа тој ги обвинува луѓето кои го сакале, се срушува неговата доверба, се срушуваат некогаш децениски трудови и животни врски. Или пак сфаќаме дека љубовта кон нашите ближни, која ни е дадена од Бога инстиктивно, како мајчинската љубов, татковската љубов, таа треба да се очисти пред сè, да се распространи на сиот човечки род. И љубовта кон Христос, за која зборува тука Господ, е љубов кон целиот човечки род. Затоа што Христос не се воплотил само за луѓето кои ние ги сакаме, не само заради самите нас.

Секој суди од својата камбанарија, секој го набљудува светот од сопственото јас, а сепак Господ се воплотува заради целото човештво, заради целиот Адам. И затоа, љубовта кон секој одделен, па може тоа да ни е и најблискиот и најдобар човек, е штетна, додека не сфатиме дека ние сме сите едно, едно не само физички, по генотипот, произлегувајќи од Адам и Ева, но едно сме и по духовните особини – луѓето имаат многу слични страсти, многу слични стремежи, надежи, дури и да имаат најразлични светогледи. Често светогледите се некаква обвивка, покривка на внатрешните тајни желби, теоретско покривало на тајните надежи на срцето, кои тешко може да ги формулира. И така, луѓето се многу слични едни на други и влијаат едни на други, и за Бога, за Христос, тоа е едно големо човечко семејство. И љубовта кон еден од луѓето, повеќе од другите, меко речено, е несовршенство, и најчесто, голема грешка. Ако мислиме, дека по нашата човечка слабост не можеме да ги сакаме сите луѓе подеднакво, и затоа се концентрираме најпрвин, а можеби тоа ќе биде на крајот на нашиот живот, на љубовта на некое од нашите деца, или некој близок човек, тогаш и љубовта кон тој човек кого го сакаме, и во кого сакаме да ги реализираме нашите најдобри стремежи, да му дадеме сè што можеме, всушност ќе се покаже нечиста, а некогаш дури и погубна. Ние нема да можеме вистински да го засакаме тој човек. Ние нема да го љубиме него, туку себеси, во одразот на таа љубов, повеќе ќе се сакаме себеси, отколку тој човек. Тој човек ќе биде предмет на поттикнување на нашата суета, гордост, кога нашиот сакан ќе достигне нешто најдобро, ќе стане можеби богат човек, или паметен научник, и тоа ќе ја теши нашата суета. А вистинска љубов кон тој човек нема да достигнеме, доколку не сфатиме дека човечкиот род е некоја таинствена икона на Света Троица. Не можеме да Го сакаме Синот Божји повеќе од Бог Отецот и повеќе од Светиот Дух. Ние можеме да Го љубиме Бог Троица, Отецот и Синот и Светиот Дух како еден Бог во три Лица. Ако сакаме еден човек, одделувајќи го од целиот човечки род  и се обидуваме да го направиме единствен објект на нашата љубов, ние не само што не го љубиме вистински Христос, Бог Кој го создал човечкиот род, и Кој ни го дал оној човек кој е покрај нас, и кој толку сили и љубов зазема во нас, но ние не го сакаме и човечкиот род, ни самите себе, а ни тој човек не знаеме да го сакаме. Затоа, кога Христос вели: оној, кој сака некого повеќе од Мене, не е достоен за Мене, Тој сака да каже, дека не неговата лична љубов (иако и тоа може да се подразбере), но Христовата љубов се протега на целиот човечки род. И љубовта кон Него, подразбира вистинска љубов кон секој човек, која Тој ја јавил во Своето воплотување, Крсна смрт и воскресение.

Затоа, да го љубиме секој човек, каков и да е, без Христос е невозможно. Ние го сакаме со извитоперена, црна, острастена љубов, која може и него да го погуби, а ќе нè погуби и нас.

И потоа, Господ продолжува со овие зборови: Ако некој ве прими вас, ме прима Мене. А ако некој ме прима Мене, го прима Оној Кој Ме пратил. (Станува збор за Бог Отецот). И тука продолжува таа мисла за единството. Навидум, станува збор за тоа, кога апостолите ќе отидат во светот, некој ќе ги прими, а некој ќе ги отфрли. Но, зошто оној што ги прима апостолите, го прима Христос, зарем е тоа алегорија? Христос се вознесе на Небесата, седи оддесно на Бога Отецот, но на таинствен начин пребива во Своите апостоли, и примањето на апостолите се изедначува со примањето на Христос. Иако, колку и да е чудно, во житијата на светителите среќаваме како луѓето многу често, дури и толку проста работа, луѓето кои се посветиле на Бога не го слушаат и не се сеќаваат. Интересно и многу јасно тоа се гледа од житието на свети Пајсиј Велики, кај кого еднаш дошле монаси и го прашале:

Дали си го видел Христос? –

Т ој одговорил:

– Сум го видел.

– А можеш ли да се помолиш и ние да го видиме?

– Добро, ќе се помолам.

После некое време, тој им рекол:

– Утре одете на таа и таа висина, на некој рид во Египет, и таму ќе ви се јави Христос.

И навистина, тие монаси побрзале, а по пат сретнале некој стар човек, кој ги прашал каде брзаат. Тие му одговориле:

– Не ни сметај, одиме да се сретнеме со Христос.

Тој ги прашал:

– Може ли и јас да дојдам со вас?

– Не, не можеме да те чекаме, одиш премногу бавно.

И тие успеале да го оставаат далеку позади. А зад нив одел свети Пајсиј. Сретнувајќи се со тој стар човек, од разговорот дознал дека монасите го оставиле и тој бил натажен. Тогаш свети Пајсиј се сожалил над него, го зел на грб и му рекол:

– Ајде да одиме заедно. Ти си стар, но јас ќе те понесам.

И тој го повел на ридот, на кој што им било ветено на монасите дека ќе го видат Христос. Но поминало многу време, затоа што тој се трудел и мачел со товарот на грбот, и одненадеж почувствувал како бремето станува полесно, а на неговиот грб нема старец туку Христос. Христос станал невидлив, товарот станал лесен, Пајсисј бил среќен што можел да му послужи на човекот, а преку него на Христа, а оттаму го пречекале нажалените монаси кои му кажале дека долго чекале на ридот, но не го виделе Христос. Пајсиј не ги дорастажил и им рекол:  – Знаете, Христос не ве сретна денес. Но им помогнал правилно да сфатат дека во нивниот стремеж да го видат Христа, тие го пренебрегнале човекот, и на тој начин – го пренебрегнале Христа.

Затоа што, оној кој прима човек, и да не е апостол, го прима Христос, Кој станал наш брат, Кој се воплотил заради нас, умрел за секој човек, за најдолниот убиец, за последниот развратник, за најпрезрениот од нас бездомник, за секој човек. Затоа, тајната на Христовото присуство во човештвото, ја изразува тајната на единството на Христос со нас. Но тоа единство, кај поголемиот дел од луѓето се отфрла, како што го отфрлиле монасите тој старец, велејќи му: „Ти треба да си бидеш тука, не си наш. Извини, ни сметаш. Ние имаме важна работа“. И на тој начин, не го сретнале Господа.

kirill i mefodyПонатаму Христос продолжува и вели: Кој прима пророк, во име на пророк, пророчка награда ќе добие. Што сака да каже? Оној човек, кој навидум прима само Божји човек, излегува дека не само што го прима, туку и добива награда еднаква на онаа, која ја има пророкот. Дури и во пророците дејствува Христос. Пророкот не е некој чоколаден, мултиапликациски, прекрасен човек кој се родил како пророк, па затоа преку него зборува Христос, а ние грешните треба да слушаме. Секако дека сме грешни, но Господ дејствува преку секој човек. И ако Господ му дал на човекот да биде пророк, или да го пренесе Божјото слово, и оној што го слуша, што го прима во името на Бога, станува не помал од оној што зборува. И добива подеднаква награда со оној, кој ја исполнува волјата Божја, возвестувајќи ја со својата уста. На тој начин, Господ уште еднаш ја посрамува човечката гордост со тие зборови. Јас поучувам, а вие слушате – јас можеби ќе добијам помала награда од вас, зашто вие ќе слушнете и ќе ги исполните овие зборови, а јас ќе отидам и нема да ги исполнам. А дејствува Господ. Затоа, уште еднаш Господ нè призива кон мислата дека човештвото е едно во својот род, и секој човек може да ја изрази Божјата волја, а може и да ја наруши. Може да ја слушне волјата Божја, но може и да се одрече од неа. Нашата задача не е да ги отсекуваме од себе другите луѓе, велејќи дека се лоши, недостојни и тн, туку да се молиме за секој човек кој живее на земјата како за наш брат, сестра, посакувајќи им спасение, просветлување на умот и срцето исто како што си посакуваме себеси и на нашите најближни, кои живеат покрај нас, и кои можеби нè повредуваат, а ние ги повредуваме нив, и постојано ја нарушуваме заповедта на Божествената љубов која ги обединува луѓето, не бришејќи ги притоа нивните лица, а оставајќи ги неповторливи личности, исто како што се неповторливи Отецот и Синот и Светиот Дух. Тие не се смешуваат. Тоа не е маска, како што мислеле некои еретици, која Бог ја облекува како Отец, Син и Свет Дух, а самиот е еден. Не, тоа се Три Ипостаси, кои непроменливо пребиваат во вечно движење на љубовта, како што вели св. Максим Исповедник и други светители,  и му ја даруваат таа љубов на човечкиот род. Затоа, токму љубовта дозволува да се види во човекот образот Божји, да се види Христос во нашиот ближен, дури и во оној, кој ни изгледа дека ни смета за да дојдеме до Христа, стои на патот и бара нешто. Дури и таму дејствува Христос.

Ајде, со Божја помош, да преуспеваме во тоа единство на Духот Свет, не сливајќи ги луѓето, а уште повеќе разликувајќи ги, на сметка на тоа што тие ја пронаоѓаат својата вистинска личносност, преку служењето на другите луѓе. Позната е литургиската молитва, која често се произнесува на Литургија:

Дај ни Господи со едно срце, со една уста да Те прославуваме Тебе, Отецот и Синот и Светиот Дух, во вечни векови. Амин!